Габриел Ескобар: “Не гледам никаква пристрасност кај Мирослав Лајчак“

Пратеникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека не гледа докази за пристрасност кај специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.

Не наоѓам никакви докази за дослух при работата за да ги фаворизира интересите на Србија во ова“, вели Габриел Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој додаде дека САД очекуваат двете страни да ја зајакнат својата посветеност и Приштина да покаже повеќе прагматизам и реализам во нејзиниот пристап кон ЕУ.

На прашањето што гледа како излез од ќорсокакот во кој моментално се наоѓа дијалогот меѓу Белград и Приштина, Габриел Ескобар одговори дека во моментов нема алтернатива за дијалогот, дека е важно двете страни да продолжат да се држат до дијалогот и ја повика Приштина да биде поконструктивна.

Зборувајќи за мерките што Европската унија ги воведе кон Косово, тој кажа дека тоа се последиците.

Не би рекол мерки, би рекол последици. И ќе ви кажам дека последиците со кои се соочува Косово се дека ако одбијат да соработуваат со ЕУ, ЕУ нема да се вклучи во дополнителна помош и дополнителни мерки за интеграција“, изјави Габриел Ескобар.

Тој изрази надеж дека, барем билатерално, САД ќе можат да соработуваат со Приштина за да изнајдат начин за отстранување на овие мерки во 2024 година.

Габриел Ескобар одговори негативно на прашањето дали има рок за тоа и посочи дека овие мерки се на неопределено време додека не се постигне напредок во спроведувањето на Охридскиот договор и планот за деескалација.