ГАЗА ВО ПЛАМЕН: Израел истрела артилерија во близина на болници преполни со ранети цивили

Засега нема информации од Хамас или израелската армија за борбите рано утринава

Палестинците од северот на Појасот Газа утринава објавија дека имало силни воздушни и артилериски напади на израелските војници, поддржани од тенкови и копнен напад, по што ја повикаа меѓународната заедница да ги заштити цивилите, објави Ројтерс .

Израелските воздушни напади погодија области во градот Газа, во близина на болниците Шифа и Ал Кудс , а палестинските милитанти се судрија со израелските сили во пограничната област источно од градот Кан Јунис, јужно од енклавата, објавија палестинските медиуми.

Засега нема информации од Хамас или израелската армија за борбите рано утринава, додека британската новинска агенција вели дека не може да ги потврди извештаите.

Телефонските и интернет-врските беа обновени во неделата, но локалниот телекомуникациски оператор Палтел рече дека новите израелски воздушни напади повторно ги прекинаа интернет и телефонските врски во делови од северниот дел на енклавата, каде што се наоѓаат командните центри на Хамас.

Прекинот на телекомуникациите сериозно го загрози спасувањето на ранетите во израелските напади.

Нападите во близина на болниците дојдоа откако палестинската Црвена полумесечина во неделата соопшти дека добила предупредувања од израелските власти веднаш да ја евакуираат болницата Ал-Кудс, каде засолниште побарале околу 14.000 луѓе.

зраел го обвини Хамас за поставување командни центри и друга воена инфраструктура во болниците во Газа, што Хамас го негира.

Палестинските власти соопштија дека околу 50.000 луѓе побарале засолниште во болницата Шифа, додавајќи дека се загрижени поради израелските закани за медицинската установа.