– Жртвите од израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија во Појасот Газа се искачија на 1.000, соопшти Министерството за здравство.
Утринава, портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кедра, на Фејсбук објави дека има „1.000 загинати, повредени и исчезнати во масакрите во Џабалија“, лоциран во северниот дел на Појасот Газа.
Министерството за внатрешни работи на Газа во вторникот соопшти дека во израелскиот воздушен напад имало „400 жртви, меѓу кои загинати и повредени, и целосно е уништена една населба во кампот Џабалија“.
Синоќа, израелските борбени авиони извршија уште еден напад врз кампот, предизвикувајќи голема штета на десетици домови.
Оваа недела израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдни бомбардирања по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во конфликтот загинаа над 10.300 лица, од кои најмалку 8.796 Палестинци и 1.538 Израелци.
Покрај големиот број жртви и раселени, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.