Газдата на обезбедувањето, Нацев, зад решетки: одреден му е притвор од 30 дена во предметот за пожарот во „Пулс“

Александар Нацев, реален сопственик на фирмата „Рубикон“, која без договор ја обезбедувала дискотеката „Пулс“, доби 30 дневен притвор. Тој е осомничен со проширување на истрагата за трагедијата во Кочани за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. Притворот го изрече Судот во Кочани, потврдуваат оттаму за „Скопје1“.

Според информациите од Обвинителството, Нацев заедно со управителот и одговорното лице на подружницата, незаконски вршел обезбедување без склучен договор, без безбедносна проценка и без план за евакуација.

Во текот на критичната вечер, екипата не спречила влез на малолетни лица, преполнетост на објектот, ниту внес на пиротехнички средства, со што е предизвикан пожарот. Трагично, настрадаа 62 лица, 157 се со тешки, а 54 со телесни повреди.

По судска наредба, извршени се претреси на неколку локации и запленета е релевантна документација.

Нацев на 16 март излезе со информација дека нема никаква негова поврзаност со трагедијата

„Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, напиша Нацев.