– Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека продолжувањето на операциите на израелската армија на северот на Газа ќе трае со месеци и оти армијата планира да ја продолжи офанзивата и на југ се додека Израел целосно не ја контролира целата територија.
Најавата на Галант на прес-конференцијата се заканува да ги усложни напорите на американскиот државен секретар и другите меѓународни посредници за воспоставување прекин на огнот.
Блинкен денеска пристигна во Саудиска Арабија во својата петта посета на регионот на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
Галант рече и дека раководството на Хамас, вклучително и лидерот на палестинската екстремистичка организација Јахја Синвар, е во бегство.
– Синвар оди од скривалиште до скривалиште, тој не може да комуницира со околината, рече Галант, додавајќи дека постојат несогласувања меѓу лидерите на Хамас во Газа и оние во странство, што според израелските медиуми, го смета за знак на паника.
По големата копнена операција во северниот дел на Газа на почетокот на војната, Израел го намали бројот на војници во тој дел од палестинската територија, но Галант вечерва изјави дека армијата продолжува да дејствува како одговор на конкретни закани.
Тој, исто така, рече дека армијата на север слободно може да почне копнени операции и ќе продолжи да го прави тоа во наредните месеци.
Покрај тоа, тој тврди дека Израел уништил три четвртини од силите на Хамас, а половина од борците на организацијата биле убиени или ранети. Тие тврдења не може да бидат независно проверени.
Галант рече дека Израел ги фокусира своите напори на јужниот град Кан Јунис, каде со недели се водат жестоки борби, а потоа ќе ги продолжи операциите во египетскиот пограничен град Рафа, каде што се раселени 1,5 милиони Палестинци.
Египет предупреди дека израелското распоредување долж границата е закана за мировниот договор што двете земји го потпишаа пред четири децении.
Галант го опиша Рафа како последното упориште на Хамас и најави дека кампањата ќе продолжи се додека израелската армија нема целосна контрола над Газа.