Ганиу: Во Чаир во 2005 година, кога Изет Меџити стана градоначалник, имаше 13.000 згради без дозволи
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, остро ѝ одговори на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Арсовска ги повика полицијата и институциите да преземат итни мерки за спречување на дивоградбите и најави иницијатива за испитување на нивната безбедност.
Ганиу не само што ги негираше овие обвинувања, туку ја обвини и Арсовска за политичка манипулација во корист на ДУИ.
„За сите овие дела, моите адвокати работат на поднесување обвиненија за невистините што ги кажува. Чесната жена од Градот Скопјe манипулира. Во Чаир во 2005 година, кога Изет Меџити стана градоначалник, имаше 13.000 згради без дозволи или над 75% од сите згради во Општина Чаир беа згради без дозволи. Ние го откривме ова. И таа често користи дека 13.000 згради без дозволи биле во мое време. Не е вистина дека тие згради што се изградени се на македонско земјиште. Другите, 150 згради што ги објавува се невистинити. Последната лага што ја кажува е дека има 50 нови темели во Чаир. Сите овие се лажни тврдења за да може мегафонот на ДУИ да ме дискредитира“, реагира Ганиу.
Во врска со наводите дека Општината издала градежни дозволи на деца и малолетници, Ганиу рече дека овие наводи ќе бидат разјаснети преку институциите.
„Сите овие прашања ќе ги разјасниме пред судските органи. За тврдењата за кои зборува, изјавите се дадени пред нотар, а не пред мене. Јас не сум надлежен да ги контролирам овие прашања. Постојат други институции кои треба да ги контролираат овие прашања. А, Арсовска, јас ви тврдам дека таа легализирала и други објекти изградени по 2011 година“, обвини Ганиу.