„Гардијан“: Албанските граѓани бегаат од земјата поради сиромаштијата и корупцијата, дел од нив завршуваат како жртви на модерното ропство

– Младите Албанци ја напуштаат земјата поради сиромаштија и корупција. Но, во Британија се соочуваат со експлоатација и стануваат жртви на модерното ропство, наведува британски „Гардијан“, јави Ора њуз.

-Гардијан во посебен напис ги прикажува страдањата на барателите на азил од Албанија, кои, според весникот, во Британија патуваат главно поради сиромаштија и корупција. Написот опишува како младите се користат од локалното население откако ќе пристигнат илегално. Статистиката за имиграција покажува дека во 2022 година, Албанците сочинувале 28 отсто од имигрантите кои патувале со мали чамци, што е најголем процент од која било националност, а потоа следат Авганистанците со 20 отсто, пренесува телевизијата.

Од Албанците кои пристигнале на британска територија, 85 отсто поднеле барање за азил, а околу 12 отсто изјавиле дека се жртви на модерно ропство. Во меѓувреме, британската влада се очекува да ги објави деталите од новиот закон за спречување на нелегалната имиграција.

Според весникот Нацрт-законот предвидува ставање на црната листа на лица кои влегле илегално во земјата, тие ќе немаат право да аплицираат за британско државјанство и ќе бидат протерани.

Претходно британските власти потврдија дека само минатата година илегално во земјата влегле најмалку 13 илјади албански граѓани, пред сè млади главно од северниот дел на земјата, окрузите Скадар и Кукс.