Гатузо го шокира фудбалскиот свет: Или Лига на Шампиони или си одам дома

Италијанскиот стручњак Џенаро Гатузо на првата конференција откако е назначен на функцијата тренер на фудбалерите на Олимпик Марсеј изјави дека крајната цел е да се обезбеди пласман во Лигата на шампионите.

– Крајната цел е Европа. Во мојот договор има опција која е поврзана со квалификациите за Лигата на шампионите, така што имам максимален интерес да бидеме меѓу првите четири, во спротивно се пакувам и си одам дома. Мора да се концентрираме натпревар по натпревар и да се погрижиме навивачите да бидат задоволни од тоа како играме“, истакна Гатузо и додаде дека ќе бара од играчите да ја покажат својата желба.

– Сè е многу едноставно. Марсеј е единствениот клуб од Франција со трофеј во Лигата на шампионите, знам дека има високи вредности. Сакам тим во кој играчите ќе ги испотат дресовите. Мора да ја имаме таа желба веднаш да ја земеме топката, но сега најважно е да го вратиме ентузијазмот. Натпреварите се добиваат со 100% тренинзи во текот на неделата – заклучи Гатузо.

Гатузо ќе дебитира на клупата на Марсеј на тешкото гостување во Монако.

Тимот од Марсеј немаше добар почеток на сезоната, по шест кола се наоѓа на осмото место со девет освоени бодови.