Гаши за Интерпелација на ДУИ: Тоа е демократско право

Интерпелацијата е демократско право, дефинирано, дозволено и предвидено со Устав, закон и прописи. Секој пратеник, пратеничка група може да покрене постапка за интерпелација, изјави денеска во Охрид претседателот на Собранието, Африм Гаши, одговарајќи на новинарски прашања за интерпелацијата што ја презентираше ДУИ за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, неговиот заменик, Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ.

Тој потсети и во интерпелацијата поднесена за него, нагласувајќи дека дебатата е во рамките на демократијата и така треба да биде.

За барањата на СДСМ за лидерска средба за безбедносната состојба во државата, Гаши рече дека не се чувствува компетентен да одговара во својство на претседател на Собранието и дека не е лидер на ниту една политичка партија.

„Важни ми се пратениците, Собранието и се трудам објективно да се апстрахирам и колку што можам од политичката определба сакам да бидам близок со сите. Ако лидерите сметаат дека ова е добро, ќе одлучат дали ќе има средба или не, зависи од нив. Мислам дека дијалогот е добар, треба да се сретнеме, да се видиме, да разговараме. Ова е добро за политичките партии и воопшто за политичката култура во државата“, изјави Гаши.

Тој апелираше да не се игра со безбедносната состојба во државата, бидејќи, според него, опозицијата ги има на располагање сите демократски алатки.