Претседателот на Собранието Африм Гаши со дел од пратениците престојува во Шведска каде оствари неколку официјални посети. На средбата со државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Кристијан Даниелсон, Гаши изјави дека Северна Македонија е подготвена за уставни измени, бидејќи според него, интеграцијата во ЕУ останува најважниот стратешки приоритет на земјата.
„Претседателот Гаши истакна дека интеграцијата во Европската Унија останува најважен стратешки и надворешнополитички приоритет, проследена со почитување на европските вредности и имплементација на европските стандарди. Тој истакна дека евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија е условен со измената на Уставот, чекор кој технички државата е подготвена да го преземе, но истовремено треба да се има предвид дека почитувањето на достоинството, европскиот интеграцијата и добрососедските односи се целосно комплементарни и од взаемен интерес за сите земји од регионот“, велат од Собранието.
На средбата со Даниелсон се даде надеж дека уставните измени ќе се случат наскоро, бидејќи според нив ќе овозможат што поскоро отворање на поглавјата и членство на Република Северна Македонија, со почитување на Копенхашките критериуми.
Гаши се сретна и со шведскиот крал Карл Шеснаесетти Густав, при што му врачи симболична кошничка со традиционални македонски производи од повеќе различни производители.