Од 1 октомври, ЈП „Водовод и канализација“ ќе добие нов директор. На местото на досегашниот прв човек Драган Илиевски ќе седне актуелниот генерален секретар на Град Скопје и десна рака на Данела Арсовска, Зоран Глигоров, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, и во самата институција веќе на големо се зборува за неговото доаѓање, односно остануваат уште неколку денови за да ја заземе директорската позиција.
„Фокус“ во неколку наврати има пишувано за Глигоров, кој пред неколку месеци стана нејзин генерален секретар, откако претходно ја извршуваше функцијата шеф на кабинет.
Неговото официјално претставување беше на една од Седниците за советнички прашања на Град Скопје, каде тој се претстави со куса биографија, во која истакна дека по професија е економист и дека специјалност му е оданочувањето. Тој претходно работел во министерството за финансии во време кога премиер беше Никола Груевски.
Глигоров можеше да се забележи во нејзина близина и кога упадна на прес-конференцијата на поранешниот директор Златко Перински во просториите на „Водовод и канализација“, сакајќи уште еднаш да го обвини дека го местел тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица.
Тој на една од седниците за советнички прашања од страна на „вмровците“ беше обвинет за семејно насилство.
Тие и преку писмено соопштение до јавноста истакнаа дека семејното насилство што го извршил генсекот на Град Скопје, според ВМРО-ДПМНЕ кои се повикаа на евиденцијата од министерството за внатрешни работи се случило во два наврати. Едното пред речиси 16 години, во 2007 година, а второто во 2017 година.
Сепак, тоа што е специфично за Арсовска, а за што веќе имаме пишувано е дека постојано ги менува директорите на јавните институции, кои се под надлежност на Град Скопје.