Генералниот секретар на ОН изрази жалење за одлуката на Русија да се повлече од Договорот за жито

– Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изрази жалење поради одлуката на Русија да се повлече од Црноморскиот договор за жито што ѝ овозможи на Украина да извезе десетици милиони тони жито минатата година.

„Денешната одлука на Руската Федерација ќе им зададе удар на луѓето што имаат потреба насекаде“, изјави Гутереш пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Договорот за коридорот за жито заврши и дека е суспендиран.

„Русија веднаш ќе се врати на Договорот за жито штом ќе бидат прифатени релевантните услови. Делот од Договорот во врска со Русија не е исполнет“, рече Песков.

Русија бараше отстранување на пречките за рускиот извоз на ѓубрива, со цел да се согласи на уште едно продолжување на Договорот за жито, вклучително и вклучување на државната Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ.

Турција, ОН, Русија и Украина на 22 јули 2022 година потпишаа Договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море што беа блокирани од војната меѓу Русија и Украина. Оттогаш договорот неколку пати беше обновен, а на 18 мај беше продолжен за уште два месеца.

Москва ги повлече и безбедносните гаранции за пловидба во северозападниот дел на Црно Море.

Според податоците на ОН, благодарение на овој Договор е обезбеден безбеден премин на повеќе од 32 милиона тони храна од украинските пристаништа.

Светската програма за храна испорача повеќе од 725.000 тони за поддршка на хуманитарни операции, ублажувајќи го гладот ​​во некои од најтешко погодените области во светот, вклучително Авганистан, Африкански Рог и Јемен.

„Иницијативата, заедно со Меморандумот за разбирање за олеснување на извозот на руски прехранбени производи и ѓубрива, беше спас за глобалната безбедност на храната и светилник на надеж во проблематичниот свет“, рече Гутереш.

Тој рече дека во време кога производството и достапноста на храната се нарушени поради конфликти, климатски промени, цени на енергијата и други прашања, овие договори помогнале да се намалат цените на храната за повеќе од 23 отсто од март минатата година.

Тој предупреди дека стотици милиони луѓе што се соочуваат со глад ќе ја платат цената.

Гутереш цитираше дел од писмото што му го пратил на рускиот претседател Владимир Путин:

„Руската трговија со жито достигна висок обем на извоз и пазарите на ѓубрива се стабилизираат со рускиот извоз што се приближува до целосно закрепнување, според Руската унија на извозници на жито и Здружението на производители на ѓубрива.“

„Ние изградивме приспособен механизам за плаќање за Руската земјоделска банка преку ЈП Морган надвор од СВИФТ“, рече Гутереш.

Тој рече дека ОН, исто така, тесно соработувале со клучните руски групи за ѓубрива за деблокирање на замрзнатиот имот.

„Обединетите нации неодамна посредуваа во предлогот да ѝ се дозволи на филијалата на Руската земјоделска банка да го врати пристапот до СВИФТ со Европската комисија“, рече тој, додавајќи дека е разочаран што неговиот предлог не бил послушан.

Гутереш ѝ се заблагодари на Турција за нејзините напори да го одржи Договорот.