Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство усвои резолуција поднесена од Украина со која се повикува Русија „целосно и безусловно да ги повлече своите сили“.
Потегот на Генералното собрание на ОН дојде откако организацијата ја свика 11-тата вонредна специјална седница за да расправа за руската војна во Украина, која денеска ја одбележува првата годишнина.
Седум земји – Русија, Белорусија, Сирија, Северна Кореја, Еритреја, Никарагва и Мали – гласаа против резолуцијата, додека 32 беа воздржани, вклучувајќи ги Кина и Индија.
Резолуцијата на Генералното собрание ги повикува земјите членки на ОН и меѓународните организации „да ја удвојат поддршката за дипломатските напори за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, во согласност со Повелбата [на ОН]“.
Исто така, повикува на „итно прекинување на нападите врз критичната инфраструктура на Украина и какви било намерни напади врз цивилни објекти, како домови, училишта и болници“.
Таа бара Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече“ сите свои воени сили од територијата на Украина во нејзините меѓународно признати граници, како и да повика на „прекин на непријателствата“.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во средата се обрати на Генералното собрание на ОН, повикувајќи ги членките на ОН да ја поддржат резолуцијата, додавајќи дека Руско-украинската војна нема две страни, туку само „агресор и жртва“.