Георгиев: Годинава нема заедничка прослава за „Гоце Делчев“, не сме добиле покана од Северна Македонија

 Заедничка прослава на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари нема да има бидејќи Бугарија не добила покана од Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот министер за надворешни работи Георги Георгиев во интервју за БТВ.

„Ако се поставува прашањето зошто нема да има заедничка прослава, одговорот е затоа што не сме добиле покана за такво нешто.

„Ваква прослава имаше по потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од Република Северна Македонија заедно да го прославиме тој ден“, рече Георгиев.

Запрашан дали заедничката нота може да ги повтори тензиите од 2023 година, тој истакна дека „историјата треба да обединува, а не да дели“.

За односите меѓу Софија и Скопје оцени дека се „специфични“.

Одговарајќи на прашањето дали Софија ќе го смени ставот со оглед на ставот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека Бугарите нема да бидат вклучени во Уставот без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека Скопје нема начин да го продолжи процесот доколку не ги исполни преземените обврски.

„Овде не зборуваме само за Бугарија и тоа мора јасно да го нагласиме. Таканаречениот „француски предлог“, она што се случи во текот на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РМВ. Овде зборуваме за обврски кои го надминуваат билатералниот спор. Зборуваме за нешто за што се договорија сите земји-членки на ЕУ и Република Македонија. Доколку не се почитуваат обврските, ЕУ нема начин да го продолжи патот кон интеграцијата на Република Македонија“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи.

Според него, нема земја која има поголем интерес за интеграција на земјите од Западен Балкан од Бугарија и додаде дека тоа не го кажува само од позиција на бугарски европски приоритети од 2018 година со претседавањето, туку во многу поширок контекст.

„Искрено ни е драго што Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно е да се радуваме на евроинтеграциите, но со зачувување на условите“, рече Георгиев.