Герапетритис: Договорот од Преспа не може да го промени ниту една страна

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис рече дека Договорот од Преспа мора да се почитува не само за државата да има континуитет, туку затоа што е ратификуван и не може да се менува од едната страна, а другата страна мора да го почитува и спроведува тој договор.

Според него, текстот на Договорот не предвидува негова еднострана промена или откажување.

„Станува збор за меѓународни договори кои двата парламента ги ратификуваа, а тоа значи дека не може да се менува еднострано. Дури и да постои волја од Македонија или Грција за еднострано менување на договорот, тоа не може да се случи. Договорот од Преспа беше под претседателство на Обединетите нации, имаше претставници на ОН и тоа му дава поголема моќ на договорот“, рече Герапетритис.

Тој нагласи дека актуелната грчка влада, како опозиција, „постојано ги посочува проблемите од Договорот од Преспа“, објаснувајќи дека тоа се „политички, геополитички, но и технички проблеми“, но дека ќе го почитуваат овој договор.

Во врска со евентуалната средба со колегата од Македонија, грчкиот министер истакна дека во Македонија се уште има техничка влада, а веднаш по формирањето на Владата, Атина ќе ги преземе потребните активности.