– Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави дека за причинетата штета при одронот на улица „9 Мај“ позади Универзална сала, фактурата ќе ја плати инвеститорската компанија „Бинјапи Инжинеринг“.
Како што соопштуваат од општината, тој во изјава за медиумите рекол дека причинетите штети поради непочитување на законите паѓаат на трошок на инвеститорот.
– Сета онаа штета којашто е направена во делот на рушење на дел од улицата ќе биде фактурирана на сопственикот односно на инвеститорот на таа зграда. Денеска дополнително имавме и состанок во проширен состав на којшто договоривме одредени насоки и задолженија за што побрзо го обезбедиме просторот и самата јама и дополнително дадени се насоки од моја страна да што побрзо се направи јавна набавка за да и од страна на наша надворешна фирма дополнително направиме напори и го обезбедиме целиот тој дел. Општината целосно ќе ја преземе надлежноста на улицата „9 Мај“ и ќе ги санира проблемите со кои се соочуваат граѓаните за да истите бидат безбедни, изјави Герасимовски.
Од Општина Центар информираат дека станува збор за инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, чие градилиште зад Универзалната сала неколку пати беше затворено од градежната инспекција.
– Поради спротивно постапување од издаденото одобрение за градење утрово Општина Центар изрече 5 глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност, велат од општината.