Германија го повикува Израел да ги заштити Палестинците од насилството на доселениците

– Германија денес го осуди насилството на израелските доселеници на Западниот Брег и ја повика израелската Влада да преземе мерки за заштита на Палестинците од насилни напади.

Говорејќи на прес-конференција во Берлин, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Себастијан Фишер, рече дека Германија го поддржува правото на Израел на самоодбрана против палестинската група Хамас, но Владата во Тел Авив треба да се спротивстави и на насилството на екстремистите од доселениците.

„Јасно ги осудуваме нападите и насилството на доселениците врз палестинските заедници“, рече Фишер, додавајќи дека овие напади на окупираните територии однеле многу животи во последните недели.

„Го повикуваме Израел да ги заштити Палестинците од актите на екстремистичките доселеници и да се погрижи одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата“, нагласи тој.

Нападите на израелските доселеници против Палестинците на окупираниот Западен Брег се зголемени по нападот на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш, доселениците извршиле 280 напади врз палестинските цивили, при што досега загинале најмалку седум лица, според палестински извори.

Методите што ги користеа екстремистичките доселеници во овие напади варираат, од пукање со боева муниција до тепање, каменување возила и напад на домови, семејства и земјоделци.