Германија е веќе во тотален хаос: Почнува тридневен пекол, милиони граѓани нема да можат да одат на работа, загрозена е и индустријата
Синдикатот на машиновозачите ГДЛ ги повика своите членови да го прекинат товарниот сообраќај од вторник во 18 часот, а патничкиот сообраќај од среда во 2 часот по полноќ!
Машиновозачите на Германските железници во вторник навечер стапуваат во тридневен штрајк со цел да го принудат работодавачот да направи отстапки во тековните преговори за колективниот договор.
– На овој штрајк му недостига легитимитет и затоа правиме сè за доброто на нашите корисници – објасни претставникот на Германски железници, Флоријан Вех и најави покренување барање за одложување на штрајкот пред надлежните судови.
Вех најави нова скратена постапка пред судот за да се одложи штрајкот, што ДБ го смета за непропорционален. Судот во Франкфурт во понеделникот го одби барањето за одложување на првото судење.
Штрајкот треба да трае до петок до 18 часот.
Од ноември ГДЛ е во преговори со ДБ за зголемување на платата за најмалку 500 евра и намалување на работното време. Она што е спорно за ДБ е пред сè намалувањето на работната недела на 35 часа со целосна исплата на плата. GDL ја отфрли неодамнешната понуда на ДБ за флексибилно работно време како „несериозна“.
Во текот на преговорите машиновозачите веќе двапати штрајкуваа, а и двата пати железничкиот сообраќај беше парализиран. Во штрајкот на машиновозачите се вклучени и вработените во градските железници низ Германија, што им отежнува на милиони граѓани да одат на работа.
Институтот за германска економија од Келн оценува дека најновиот штрајк може да донесе нови огромни загуби за економијата.
– Особено се погодени гранките кои зависат од железничкиот товарен сообраќај, како што се автомобилската, хемиската и тешката индустрија – се наведува во соопштението на институтот.
Преговорите меѓу ГДЛ и ДБ со години се проследени со бројни штрајкови и негодување кај патниците. Многумина го критикуваат ГДЛ дека тврдокорните ставови првенствено служат за профилирање и се дел од борбата за превласт меѓу синдикатите.
ГДЛ (GDL) е еден од помалите синдикати на вработени во железницата. ДБ со поголемиот синдикат ЕВГ најчесто склучува колективни договори без поголеми проблеми и штрајкови.
Тридневниот штрајк се совпаѓа со протестот на земјоделците за време на кој земјоделските здруженија ги блокираа патиштата низ земјата, протестирајќи против укинувањето на субвенциите за земјоделскиот дизел, што може да доведе до целосна парализа на сообраќајот во Германија во наредните денови.