Германија и Франција постигнаа договор за проект за борбени тенкови од следната генерација

 – Германија и Франција постигнаа договор за заеднички развој на борбен тенк од следната генерација, соопшти германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

„Постигнавме договор денес и без претерување ова може да се опише како историско достигнување“, рече тој на заедничката прес-конференција со неговиот француски колега Себастиен Лекорну.

Писториус нагласи дека француско-германскиот борбен тенк MGCS нема да биде модернизирана верзија на францускиот Леклер или германскиот тенк Леопард 2, туку целосно нов модел со напредни можности.

„Се договоривме за распоредување на сите задачи за овој голем проект за тоа што ќе прават Германија и Франција. Заедно одредивме јасни граници и нема да има простор за толкување или некакви недоразбирања“, нагласи тој.

Писториус рече и дека производството на борбениот тенк од следната генерација ќе биде подеднакво поделено од одбранбените индустрии на земјите учеснички.

„Во април ќе потпишеме меморандум за разбирање. Според сегашниот план, ќе отпатувам за Париз на 26 април и ќе го потпишеме овој договор“, рече германскиот министер за одбрана.