Германија: Населбите на Западниот Брег се „спротивни“ на меѓународното право

 – Германија ги осуди последните планови на Израел за изградба на илјадници нови домови за доселеници на Западниот Брег.

– Го знаете нашиот став за изградба на населби. Ова е спротивно на меѓународното право и тоа важи и кога се изведуваат нови градежни проекти, рече заменик-портпаролот на Министерството за надворешни работи, Катрин Дешауер на прес-конференција во Берлин.

Израел ќе продолжи со плановите за изградба на повеќе од 3.000 живеалишта во населбите, објави доцна синоќа израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич. Најавувајќи ги плановите за нова изградба на станови во еврејските населби, Смотрич рече дека тоа е „соодветен ционистички одговор“ на вчерашниот вооружен напад на Западниот Брег.

Поголемиот дел од меѓународната заедница ги смета еврејските населби незаконски според меѓународното право и главна пречка за решавање на конфликтот меѓу два народа според моделот на две држави, кој предвидува создавање на палестинска држава на Западниот Брег и во Појасот Газа.