Германија планира да ѝ достави на Украина дополнително оружје и муниција во вредност од 770 милиони долари

– Германија планира да ѝ достави на Украина дополнително оружје и муниција во вредност од речиси 700 милиони евра (770 милиони долари).

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус на маргините на Самитот на НАТО во Вилнус, главниот град на Литванија, ја истакна важноста од обезбедувањето поддршка на Киев.

„Многу сум задоволен што денес овде, во Вилнус, успеавме да договориме уште еден пакет за поддршка на Украина во нејзината одбрана од руската агресија“, рече Писториус.

Тој нагласи дека пакетот помош ќе им служи на приоритетите на Украина.

Пакетот вклучува два фрлача „Патриот“ од инвентарот на германската војска, како и 70 оклопни борбени возила, вклучително и 40 пешадиски борбени возила „Мардер“.

Ќе бидат доставени и артилериски гранати и средства за извидување и одбрана од беспилотни летала.

Минатата година германската Влада одобри извоз на оружје во вкупна вредност од 2,2 милијарди евра (2,4 милијарди долари) за Украина. Во првата половина од оваа година извозот беше вреден 1,65 милијарди евра (1,81 милијарди долари).

Од мај 2022 година повеќе од 3.500 украински војници биле обучени за различни системи за оружје во Германија, според Владата.

По пристигнувањето на состанокот на НАТО во Вилнус, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е многу важно на Украина да ѝ се обезбеди воена поддршка.

Покрај тоа, рече тој, воената Алијанса мора да донесе заедничка одлука за ова и да ги придвижи одлуките од Самитот во Букурешт во 2008 година. Во тоа време Алијансата, во принцип, ѝ даде можност на Украина за пристапување, но потоа процесот заглави.