– Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денес побара објаснување од Израел откако неговата војска отвори оган врз палестинските цивили во Газа, кои беа собрани да земат хуманитарна помош, јавува Анадолу.
„Луѓето сакаа да земат од помошта за себе и за своите семејства, а умреа. Шокирана сум од вестите од Газа“.
„Израелската Армија мора целосно да истражи како се случиле масовната паника и пукањето. Моите мисли се со семејствата на жртвите“, додаде таа.
Вчера (четврток), најмалку 112 Палестинци загинаа, а 760 беа повредени кога израелските сили отворија оган врз Палестинците кои чекаа пристигнување на хуманитарната помош во јужниот дел на градот Газа, соопшти Министерството за здравство во опколената палестинска енклава.
Израел започна смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 Израелци. Во израелските напади досега загинаа најмалку 30.035 Палестинци, а 70.457 се ранети.
Израелската Влада наметна и остра блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.