ГЕРМАНИЈА ПОВТОРНО СЕ ВООРУЖУВА – Берлин најавува дека ќе стане рбетот на европската одбрана

Германската Армија мора да стане рбетот на одвраќање и колективна одбрана во Европа, порача синоќа германскиот министер за одбрана додека ги презентираше новите насоки за ремонт на Бундесверот по руската инвазија на Украина.

Во земја која заслужено е „прогонувана од вина“ поради нејзината улога во Втората светска војна, Армијата не беше приоритет и со децении беше недоволно финансирана. Меѓутоа, по ескалацијата на конфликтот во Украина, официјален Берлин ја искористи можноста да објави „драматичен пресврт“ и вети огромни суми за зајакнување на Армијата и општата реконструкција на Армијата и воената индустрија.

Објавувајќи го првиот сет на нови насоки за германската Армија (Бундесвер) по 12 години, министерот за одбрана Борис Писториус порача дека со бруталниот напад на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина, „војната се врати“ во Европа.

Ова значи дека безбедносната ситуација е променета“, вели тој и нагласува: „Германија мора да биде столбот на колективното одвраќање и одбрана во Европа“.

Борис Писториус

Улогата на Германија и Армијата во НАТО ќе биде многу поважна, се открива во документот. Постојаното присуство на надворешната граница на НАТО ќе стане норма за Бундесверот во иднина.

Руската Федерација ќе остане најголема закана за мирот и безбедноста во евроатлантската област“, ​​се наведува во документот што содржи нови насоки за одбранбената политика на земјата.

Во предговорот на новата визија, Борис Писториус и началникот на вооружените сили, генерал Карстен Бројер, рекоа дека Армијата треба повторно да се фокусира на својата „главна мисија“ на националната одбрана и одбраната на сојузите со НАТО.

Документот од 19 страници дава детали за големата промена во германската одбранбена политика позната како „Zeitenwende“ (пресвртна точка или промена на време/ера).

Промената на воениот пристап на Берлин се случи неколку дена по руската инвазија на Украина на 24. февруари 2022 година, а беше објавена од германскиот канцелар Олаф Шолц.

Минатата година Германија формираше посебен фонд од 100 милијарди евра за набавка на модерно оружје, а земјата исто така вети дека ќе ја исполни целта на НАТО за трошење најмалку 2 отсто од националниот БДП за одбрана од 2024 година.

Бундесверот мора да биде подготвен за војна во сите области. Ова значи дека персоналот и опремата мора да бидат фокусирани на исполнување на тешките мисии“, се додава во документот. 

Исто така, се наведува дека добро опремена Армија, способна да победи во битка со висок интензитет во секој момент, е единствениот начин да се обезбеди веродостојно одвраќање и мир.

Патем, терминот „одвраќање“ понекогаш се однесува на нуклеарните капацитети на една земја, а Германија има американско нуклеарно оружје на своја територија, а германските бомбардери се способни да го носат.

Борис Писториус призна дека за реформирање на Армијата ќе биде потребно време, нагласувајќи дека организацијата ќе мора да го надмине „децениското запоставување“. Првиот чекор ќе биде намалување и забрзување на германската воена бирократија, особено во набавката и испораката на оружје.