ГЕРМАНИЈА ПОДЕЛЕНА – Повеќе од 40 отсто од Германците се за забрана на контраверзната АфД, но исто толку се и против
Според последните истражувања на јавното мислење, прашањето за започнување на процедурата за забрана на екстремно десничарска, популистичка и евроскептична политичка партија Алтернатива за Германија (АфД) ги подели Германците.
Од Хамбуршкиот институт за истражување на јавното мислење – Ипсос наведуваат дека 42 отсто од испитаниците се за отпочнување на постапката, но и дека 42 отсто се против.
Весникот „Велт“ пишува дека јасни разлики се гледаат во расположението на испитаниците во западниот и источниот дел на Германија. Додека 45 отсто од испитаниците на западот од земјата се за отпочнување на оваа постапка, други 40 отсто се против, меѓутоа во источна Германија само 32 отсто се за почнување на постапката за забрана на АфД, додека дури 51 отсто се против.
Според истражувањето, поддршката за процедурата за забрана на AфD е најголема меѓу поддржувачите на Зелените: 71 отсто од нив се за, а 19 отсто се против. Следат поддржувачите на Социјалдемократската партија на Германија –СПД (64 отсто за, 26 отсто против) и левичарите (63 отсто за, 29 отсто против).
Дури и меѓу поддржувачите на христијанско-демократската политичка алијанса ЦДУ/ЦСУ, повеќе од половина од анкетираните се за забраната, 53 отсто од нив, а 38 отсто се против.
Кај поддржувачите на Слободната демократска партија ФДП, 46 отсто се за, а 41 отсто против, а кај поддржувачите на АфД три отсто се за забраната, додека 95 отсто се против.