– Германското Министерство за надворешни работи денеска прогласи двајца ирански дипломати во Германија за „персона нон грата“, протерувајќи ги, што е реакција на вчерашното изрекување смртна пресуда на германско-ирански државјанин во Иран.
„Поради вчерашното изрекување смртна казна за Џамшид Шармахд, го повикав на разговор претставникот на Иранската амбасада и го информирав дека Сојузна Република Германија нема да трпи огромна повреда на човековите права против германски државјанин“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Во исто време двајцата ирански дипломати беа прогласени за непожелни, со инструкции во најкус можен рок да ја напуштат Германија.
Бербок ги повика иранските власти да ја преиспитаат смртната пресуда изречена на Шармахд и да му се овозможи праведна ревизија на судската постапка.
Владејачката Либерално-демократска партија (ФДП), една од членките на владејачката коалиција, повторно побара иранската Револуционерна гарда, која е позната по насилството врз политичките неистомисленици, да биде ставена на листата на терористички организации.
„Ужасната смртна казна за Џамшид Шармахд јасно ја покажува целата бруталност и суровост на режимот на Исламската република“, рече генералниот секретар на ФДП, Бијан Џир-Сараи.
Шармахд беше осуден на смрт од иранските власти за „тероризам“. Германски државјанин, кој има двојно германско-иранско државјанство и извесно време живее во САД, беше киднапиран од иранската тајна служба за време на одмор во Дубаи во 2020 година.
Револуционерниот суд во Техеран пресуди дека 67-годишниот Шармахд е одговорен за терористичкиот напад во 2008 година во кој загинаа 14 лица, објави иранскиот правосуден портал Мизан, кој има поддршка од Владата.
Судот го обвини за соработка со странски разузнавачки служби.
По воведувањето санкции на Европската унија против поединци и организации во Иран, иранските власти воведоа санкции и против неколку претставници на Бундестагот за „поттикнување тероризам“.