Германската привремена влада, предводена од Социјалдемократите и Зелените, го блокираше планираниот извоз на 40 борбени авиони Еурофајтер Тајфун во Турција, објави германскиот медиум Handelsblatt , цитирајќи извори запознаени со доверливи внатрешни дискусии.
Според извори од германската влада, главната причина за забраната за извозна дозвола е апсењето на турскиот опозициски политичар Екрем Имамоглу под обвинение за корупција – потег што властите во Берлин го опишаа како „напад врз турската демократија“.
Опозицијата во Турција тврди дека обвиненијата против Имамоглу се политички мотивирани.
Потсетуваме дека поранешниот градоначалник на Истанбул беше уапсен на 23 март, поради сомневање за коруптивни дејствија. Обвиненијата против него вклучуваат сомнително купување на три вили во една од најатрактивните области на Истанбул, преку градежна компанија на неговото семејство, во која тој поседува 60 отсто од акциите.
Türkiye has reportedly received a new proposal from the #Eurofighter #Typhoon consortium involving two batches of 20+20 new Tranche 4 fighters, the latest production model, while #Ankara might also request older ex-RAF aircraft to be used for training, something purported to be… pic.twitter.com/9KESH3YDwJ
— Turkish Century (@TurkishCentury) March 13, 2025
Според официјалните документи, близок деловен соработник на Имамоглу ги купил вилите во негово име и по три години ја префрлил сопственоста на компанијата на Имамоглу за ниска цена.
Иако канцеларот во заминување Олаф Шолц изрази поддршка за извозот на воена опрема во Турција за време на неговата посета на Истанбул во октомври 2024 година, апсењето на Имамоглу донесе промена во ставот.
„Турција е членка на НАТО и затоа постојано носиме одлуки кои водат до конкретни испораки“, изјави претходно Шолц.
Програмата Eurofighter Typhoon е заеднички проект на Германија, Обединетото Кралство, Шпанија и Италија. Германската рестриктивна политика за извоз на оружје долго време предизвикува тензии во конзорциумот, додека Обединетото Кралство и Франција често го критикуваа ставот на Берлин.
Напорите за усогласување на европските правила за извоз на оружје се вклучени во стратегијата на германската одбранбена индустрија и во договорот за владината коалиција, кој повикува на побрзо и покоординирано доделување дозволи за извоз, особено меѓу сојузниците во НАТО.