Германија ја повикува Србија итно да ги намали воените трупи на границата со Косово: “Не смее да има понатамошна ескалација!“
Во неделата Владата на Германија ја повика Србија да придонесе за деескалација на ситуацијата на границата со Косово и да ги намали војниците во таа област.
„Не смее да има понатамошна ескалација меѓу Србија и Косово. Важно е Србија веднаш да ги намали војниците на границата“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Германија.
Истовремено, се нагласува дека Берлин и неговите партнери се во интензивен контакт со сите страни.
„Политичкиот процес мора итно да продолжи“, се заклучува во соопштението, алудирајќи на преговорите меѓу Белград и Приштина за иднината на односите.
Тензиите меѓу двете земји се зголемија откако минатата недела косовската полиција се судри со 30 тешко вооружени Срби кои упаднаа во косовското село Бањска и се забарикадираа во српскиот православен манастир. Убиени се тројца напаѓачи и еден полицаец.
Во петокот, известувачот на Владата на германската Либерално-демократска партија (ФДП) за Западен Балкан, Томас Хакер, побара од Белград брзо да ги изведе одговорните пред суд.
Во исто време, претседателот на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД), Тимо Чрупала, беше во Белград и ги поддржа идеите на српскиот политички врв за враќање на Косово во територијалниот состав на Србија.
„За време на разговорите се покажа дека е изводливо решението според кое регионот на Косово ќе остане во составот на Србија“, вели Тимо Чрупала.
АфД, која бележи драстично зголемување на популарноста во последните месеци и се етаблира како втора најпопуларна партија во земјата во анкетите на јавното мислење, секогаш се противеше на признавањето на независноста на Косово.