„Германија ја поддржува идејата за испраќање гранична мисија на ЕУ во Рафа“, истакна министерката Баербок
– Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок изјави дека германската Влада ја поддржува идејата за повторно активирање на мисијата за гранична помош на Европската Унија (ЕУ) за заштита на границата на Рафа, јавува Анадолу. Пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Баербок посочи дека е неопходно да се размислува за начинот на испорака на хуманитарната помош за Газа, која се наоѓа во потешка ситуација.
Таа потсети дека сега повторно е затворен граничниот премин Рафа.
„Затоа, не само дека ја поздравувам идејата за повторно активирање на поранешната гранична мисија на ЕУ за чување на границата во Рафа, туку и Германија ја поддржува таквата идеја“, рече Баербок.
Министерката Баербок истакна дека како Европејци ќе придонесат хуманитарната помош да стигне во Газа и дека за ова прашање ќе разговараат со актерите во регионот и партнерите во арапскиот свет.
Истакнувајќи дека не смеат да продолжат страдањата на Блискиот Исток, Баербок рече дека ќе стори сѐ за да се постигне хуманитарна пауза во конфликтите во Газа.
ЕУ испрати мисија за гранична помош на преминот Рафа во 2005 година, но мисијата беше суспендирана веќе во 2007 година.