Германската Влада ја одобри легислативата за двојно државјанство

 – Германскиот Кабинет денес го одобри долгоочекуваниот Предлог-закон за модернизација на Законот за државјанство.

На прес-конференцијата во Берлин министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, изјави дека предложената легислатива ќе го поедностави процесот на натурализација и ќе овозможи повеќекратно државјанство за имигрантите.

„Воведуваме модерен Предлог-закон за имиграција што подобро ќе ѝ служи на нашата модерна земја со голема разноликост. Новиот закон за националност е една од најважните реформи на нашата коалициска Влада. Исклучително сум задоволна што сега го спроведуваме ова“, рече таа.

Според предложениот Предлог-закон, имигрантите ќе имаат право на германско државјанство по пет години престој во земјата наместо досегашните осум години.

За имигрантите што покажале извонредни академски или професионални достигнувања и добро го познаваат јазикот, овој период ќе се намали на три години.

Предлог-законот, исто така, ќе им овозможи на имигрантите да имаат двојно или повеќекратно државјанство, што во моментов не е можно за повеќето имигранти.

Децата родени во Германија од родители странци ќе може да добијат германско државјанство доколку барем еден родител легално живеел во земјата најмалку пет години. Овие деца ќе можат да го задржат и државјанството на родителите.

Во моментов над 12 милиони луѓе во Германија, околу 14 отсто од вкупното население, немаат германско државјанство. Според официјалните податоци, околу 5,3 милиони од нив живеат во земјата најмалку 10 години.

Реформата на Законот за германско државјанство беше централен дел на коалицискиот договор, кога социјалдемократите, Зелените и либералните Слободни демократи формираа трилатерална коалициска Влада пред две години.

Канцеларот Олаф Шолц во повеќе наврати кажа дека забрзувањето на процесот на натурализација, дозволувајќи повеќекратно државјанство за имигрантите, ќе ги подобри интеграцијата и социјалното и политичкото учество.

Предложениот Предлог-закон треба да биде одобрен од Парламентот за да стане закон, а за тоа се очекува Бундестагот да расправа по летниот одмор.