Германската влада ќе се формира на 6 мај: Фридрих Мерц најсериозен кандидат за канцелар

Лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Фридрих Мерц треба да биде избран за канцелар на 6 мај, објави денеска Ројтерс, повикувајќи се на партиски извор.

Изворот наведува дека за ова се договориле ЦДУ и нивните партнери од Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Политико најави дека како дел од договорот за новата германска влада, министерствата за надворешни работи и економија ќе ги водат конзервативните министри од партијата ЦДУ, додека нивните коалициски партнери од СПД ќе го преземат ресорот финансии и одбрана.

Весникот наведува дека Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) ќе го води Министерството за внатрешни работи во новата германска влада.

Политико пишува дека пратеникот на ЦДУ, Јохан Вадефул, најверојатно ќе ја замени Аналена Бербок на чело на германската дипломатија, имајќи ги предвид неговите долгогодишни врски со Вашингтон и Брисел.

Освен Вадефул, овој ресор би можел да го преземе и поранешниот лидер на ЦДУ Армин Лашет или Јенс Спан, кој е добро поврзан со американските републиканци, иако не е искусен дипломат.

x02 AP Мартин Мајснер.jpg

Бриселскиот весник наведува дека се очекува Борис Писториус да продолжи да ја извршува функцијата министер за одбрана, на која беше назначен околу една година по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, а анкетите постојано го рангираат како еден од најпопуларните политичари во Германија.

Кога станува збор за Министерството за финансии, главни кандидати за шеф се Ларс Клингбејл, кој беше еден од главните преговарачи на СПД во коалициските преговори и Јорг Кукис, долгогодишен советник на поранешниот канцелар Олаф Шолц.

Карстен Линеман, еден од најблиските сојузници на идниот канцелар Фридрих Мерц, најверојатно ќе го преземе Министерството за економија, а се очекува нов министер за внатрешни работи да стане поранешниот министер за транспорт од ЦСУ, Александар Добринт, пишува бриселскиот портал.

Конзервативната алијанса ЦДУ/ЦСУ победи на сојузните избори на 26 февруари, а претходната влада ја предводеше социјалдемократот Олаф Шолц.

Успех на изборите постигна и крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), но конзервативците ја отфрлија можноста за коалицирање со таа партија.