Германската полиција ја претресе катедралата во Келн по предупредување за можен напад на новогодишната ноќ
Германската полиција соопшти дека синоќа извршила претрес во катедралата во Келн по предупредување за закана од напад на новогодишната ноќ.
Весникот „Билд“ пишува дека безбедносните служби на Австрија, Германија и Шпанија добиле информации дека група исламисти сака да изврши неколку атентати во Европа, најверојатно на Нова Година и Божик.
„Иако информациите се однесуваат на новогодишната ноќ, почнувајќи од оваа вечер ќе направиме се што е можно за да ја гарантираме безбедноста на посетителите на катедралата на Бадник“, изјави вчера началникот на полицијата во западниот германски град Михаел Есер. Тој објасни дека храмот бил претресен со помош на кучиња по вечерната литургија и „во договор со шефот на обезбедувањето“.
Денеска „сите посетители ќе бидат проверени пред да влезат“ во катедралата. Полицијата и одборот на доверители на храмот „препорачуваат луѓето да не носат торби и да доаѓаат рано за служба“.
Како можни цели на исламистичката ќелија во публикацијата „Билд“ се посочени божиќните литургии во Келн, Виена и Мадрид. Германскиот дневен весник објави за неколку апсења во главниот град на Австрија и едно во Германија.
Сепак, вчера австриската полиција соопшти дека го засилува надзорот, особено околу црквите, верските настани и божиќните пазари во главниот град на земјата.
„Терористичките фактори во Европа повикуваат на напади на христијански настани, особено околу 24 декември. Поради тековната проценка на ризикот… и постојано зголеменото ниво на тревога за терор воопшто, постои зголемен ризик во Австрија за време на божиќните празници“ се наведуваво соопштението.