Германската разузнавачка агенција соопшти дека руската и кинеската шпионажа се зголемила во земјата

 – Германската воена разузнавачка агенција (МАД) соопшти дека руската и кинеската шпионажа е зголемена во земјата, објави неделниот весник од Хамбург „ЦАЈТ“.

Тајните служби на двете земји се идентификувани како „најактивни актери за шпионажа“, се вели во годишниот извештај на воената разузнавачка служба до Бундестагот, односно германскиот федерален Парламент.

„Од почетокот на илегалната руска агресивна војна против Украина во февруари 2022 година, Германија се позиционираше со снабдување оружје, муниција и опрема и обука на припадниците на украинските вооружени сили во Германија и уште поинтензивно спроведува извидување од страна на руските служби“, се додава во извештајот.

МАД е најмала од германските разузнавачки служби, чија задача е да ги заштити вооружените сили од шпионажа, да се брани од екстремисти и да спроведува безбедносни проверки на војниците и цивилните вработени што работат во воениот апарат на земјата.

Минатиот месец домашната разузнавачка агенција на Германија (БфВ) предупреди дека кампањите за шпионажа, кибернапади и дезинформации, особено од Кина и Русија, „претставуваат сериозна закана“ за земјата.

Германија сѐ повеќе станува цел на странска шпионажа, наведува агенцијата, во услови на зголемени тензии поради руската војна во Украина и интензивните ривалства меѓу Вашингтон и Пекинг.