Германскиот канцелар: Земјите на НАТО и ЕУ нема да испраќаат копнени трупи во Украина

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денес изјави дека западните земји нема да испраќаат копнени трупи во Украина, отфрлајќи го неодамнешниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон.

„Она што беше меѓусебно договорено од почетокот важи и за иднината – дека нема да има копнени трупи на територијата на Украина што ќе бидат испратени таму од европските држави или земјите од НАТО“, изјави Шолц за новинарите за време на посетата на градот Фрајбург во југозападниот дел на земјата.

Неговата изјава дојде по еден ден откако францускиот претседател Емануел Макрон предложи испраќање копнени трупи на западните земји во Украина со цел да се поддржат Украинците во одбрана на нивната земја од Русија.

„Денес нема консензус дека треба да се распоредат копнени трупи на официјален начин… но ништо не треба да се исклучи“, рече Макрон на прес-конференција во Париз, откако беше домаќин на западните лидери на конференцијата за воената поддршка на Украина.

„Ќе направиме сѐ што е потребно за да се осигуриме дека Русија не може да победи во оваа војна“, порача Макрон.