Германскиот канцелар предлага укинување на сите трговски царини меѓу ЕУ и САД

– Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес го обнови својот предлог за укинување на сите царини меѓу САД и Европската Унија.

Зборувајќи на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста, во Брисел, Мерц рече дека разговарал за потенцијални решенија за тековните трговски спорови со САД за време на синоќешниот телефонски разговор со претседателот Доналд Трамп.

„Му реков дека ескалацијата на овој царински спор не е добра идеја. Најдобро решение би било намалување на царините ‘на нула’ за сè“, им рече Мерц на новинарите, додавајќи дека добил покана од Трамп да отпатува во Вашингтон за натамошни разговори за ова прашање што би се одржале во блиска иднина.

„Мој впечаток е дека сега во Америка расте свеста за негативните ефекти од високите тарифи врз нивната економија и тој сигурно е свесен за ова“, рече Мерц и додаде:

„Затоа ќе се обидеме да најдеме што може да направиме заедно. Останува моето убедување дека таков тарифен спор може само да ни наштети на сите и на крајот никому да не му е од корист.“

Мерц рече дека за време на телефонскиот разговор му честитал на Трамп за успешните трговски преговори со Обединетото Кралство. Германскиот канцелар, исто така, нагласи дека Соединетите Американски Држави мора да преговараат за трговски договори со Европската Унија како целина, а не со поединечни земји членки на ЕУ.

„Ова е добар пат. Сепак, му објаснив и дека ова не може поединечно да се направи со други европски држави што се членки на Европската Унија бидејќи можеме и сакаме да дејствуваме само заеднички во трговската политика. Имав впечаток дека тој го прифаќа ова и дека, исто така, тоа е и негов став, дека може да го направи ова само заедно со нас“, рече Мерц.