Германскиот канцелар со порака до кинескиот претседател: Шолц го повика Си да се сретне со Зеленски

Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој оваа недела беше во посета на Русија, каде што разговараше со претседателот Владимир Путин, сега треба да се сретне и со неговиот украински колега Володимир Зеленски, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува ДПА.

Кина претходно соопшти дека се обидува да иницира мировни преговори, па во тој контекст подготви и мировен план од 12 точки, кој беше одобрен од Путин.

– Сметаме дека е важно да се разговара не само со рускиот претседател, туку и со украинскиот, рече Шолц во Брисел, каде вчера и денеска учествуваше на состанокот на врвот на Европската Унија. – Јасно е дека во основата на праведен мировен договор постигнат со Украина е повлекување на руските трупи, потенцираше тој.

Шолц повторно ја предупреди Кина да не испраќа оружје во Русија, бидејќи „тоа би било голема грешка“.

Високи европски и американски претставници изјавија дека до сега нема докази дека биле извршени такви испораки, посочува ДПА.

Во средата заврши тридневната посета на Си Џинпинг на Москва, во која тој во понеделникот и вторникот разговараше со Путин за војската и за проширувањето на трговските односи меѓу двете земји. Од Москва, кинескиот претседател отпатува директно во Пекинг.