Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска ја почнува дводневната посета на Кипар, што е првпат германски шеф на држава да замине во официјална посета на земјата, јави ДПА.
Патувањето на Штајнмаер во Никозија е со цел да се истакне партнерството на Берлин со островската држава, која оваа година одбележува 20 години од полноправното членство во ЕУ.
Тој пристигнува на покана на кипарскиот претседател Никос Христодулидес, кој ќе го пречека Штајнмаер со воени почести во главниот град во 9 часот утрово по локално време.
Островот е поделен на грчко-кипарски југ и помал турско-кипарски север по грчкиот пуч и турската воена интервенција во 1974 година. Само Турција го признава Северен Кипар како суверена држава.
Тампон зоната меѓу двете страни ја надгледуваат мировници на ОН.
Додека целиот Кипар стана членка на Европската унија во 2004 година, правото на ЕУ важи само во јужниот дел до евентуално повторно обединување.
Напорите поддржани од ОН, чија цел е да се стави крај на деценискиот конфликт на Кипар, се одвиваат постојано и со години, но без напредок.
Кабинетот на Штајнмаер соопшти дека претседателот јасно ќе му стави до знаење на својот колега дека Германија ќе го поддржи секој конструктивен процес за решавање на проблематичното прашање.
Германската влада неодамна соопшти дека ќе ја поддржи мисијата на ОН на островот со испраќање 15 полицајци за да помогнат во надгледувањето на тампон зоната долга 180 километри.