Германското бродоградилиште Meyer Werft, кое се најде во финансиски тешкотии, обезбеди договори за изградба на четири бродови за крстарење за Disney Cruise Line.
Тоа е, како што истакнуваат, најголемата нарачка во речиси 230 години од постоењето на бродоградилиштето.
Бродовите на Дизни ќе бидат завршени до 2031 година, а бродоградилиштето во Папенбург, во близина на Северното Море, не соопшти колку Волт Дизни ќе плати.
„Силен сигнал“
„Овие нови нарачки се дополнителен силен и позитивен сигнал за иднината на работните места во Папенбург“, изјави Бернард Мајер, сопственикот на компанијата кој минатата недела го потпиша договорот со американската компанија.
Мејер Верфт се најде во најтешката криза откако нејзиниот основач Вилм Ролф Мајер го отвори во 1795 година. Имено, бродоградилиштето мора да собере повеќе од 2,7 милијарди евра за да ја финансира изградбата на бродовите до крајот на 2027 година.
80 отсто од цената добиваат само по испорака
Постојните договори за изградба на бродови за крстарење се делумно склучени пред пандемијата на Ковид и не предвидуваат корекции поради наглото поскапување на енергијата и суровините. Бродоградилиштето добива околу 80 отсто од откупната цена само по испораката, што значи дека во меѓувреме треба да ја финансира изградбата со кредити.
На почетокот на јули менаџментот постигна договор со работничкиот совет и синдикатот ИГ Метал за концептот на реструктуирање. Согласно тој договор ќе бидат укинати 340 од вкупно над 3.000 работни места. Тие планираат да формираат надзорен одбор и работнички совет, а седиштето на компанијата од Луксембург ќе се пресели во Германија. Покрај тоа, тие разговараат и за државната помош од федералната влада и покраината Долна Саксонија.