Гир: Зајакнувањето на владеењето на правото е од суштествена важност земјата да напредува на патот кон ЕУ
Зајакнувањето на владеењерто на правото е од суштествена важност земјата да напредува на својата патека кон членството во ЕУ. На таа патека нема кратенки, нема компромиси.
Ова го истакна амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир по повод официјалното отпочнување на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, чија цел е зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија.
Тој посочи дека станува збор за важен проект, кој покрива четири клучни области – правосудството, полицијата, почитувањето на човековите права и борбата против корупцијата. Тој при тоа изрази задоволство што во проектот е вклучена соработката со Институтот за основни човекови права Лудвиг Болцман од Австрија, Министерството за правда и администрација на Хрватска, Министерството за внатрешни работи на Република Словенија, и Центарот за меѓународна правна соработка.
-Успешноста на овој проект нема да зависи од посветеноста на партнерите, иако таа е важна, нема да зависи од квалитетот на експертизата или дадените совети иако и тие се важни, туку ќе зависи од посветеноста на сите вклучени институции и на надлежните власти со решителни чекори да напредуваат во владеењето на правото. Тоа е важно не само за проектот туку, пред се, и над се , тоа е важно за граѓаните. Но исто така од суштествена важност е земјата да напредува на својата патека кон членството во ЕУ, на таа патека нема кратенки, нема компромиси, нагласи евроамбасадорот Гир.
На настанот се обратија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Кренар Лога, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и претставници на Лудвиг Болцман Геселшафт – Институтот за основни човекови права (LBI-GMR) и Центарот за меѓународна правна соработка (CILC).
Според министерот Спасовски, стратешката определба на Владата е интеграцијата на државата во ЕУ, која пак не би можела да се замисли без основното начело – владеење на правото како една од заедничките вредности за сите земји-членки. Потенцирајќи ја важноста на проектот рече дека тој е исклучителна важноста, и го вброи меѓу најважните проекти кои што се спроведуваат во земјава.
-Оттаму, очекувам проектот преку мулти-агенцискиот пристап според кој е конципиран конечно да ги обедини институциите во своето делување, а на тој начин да обезбеди заедничко исполнување на проектните цели- поставување на силни правни основи за транспарентни, одговорни и ефикасни демократски институции, способни ефикасно да се справат со заканите од организираниот криминал, компјутерскиот криминал, корупцијата и сите други актуелни закани, рече Спасовски.
Министерот Спасовски, додаде дека Владата вложува максимални напори со цел да обезбеди непречено владеење на правото како основно право за своите граѓани.
-Земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија продолжуваат да се соочуваат со големи предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, прашања кои се од клучно значење за функционална демократија и економија и во голема мера го условуваат процесот на пристапување во ЕУ. Оттаму, одлучната и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е приоритет на секоја држава. Тоа е и наш стратешки приоритет, при што фокусот на нашите активности е насочен кон превенција, спречување и борба со сите облици на организиран криминал, согласно највисоките стандарди на полициското работење, подвлече Спасовски.
Министерот за правда Лога пак, нагласи дека во овој момент, нашата држава се наоѓа во состојба кога треба да преземе решителни чекори во однос на подигнување на нивото на владеење на правото и зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем, борба против корупцијата и организираниот криминал и обезбедување поголема заштита на човековите права и слободи.
-Новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители е донесен и со него се обезбедува нов начин на селекција и полагање на приемниот и завршниот испит пред стучна комисија. Направивме реформа со која од овој закон се очекува да се обезбедат високи критериуми, систем на ревизија, транспарентност и јавност, и создавање услови за избор на судии и обвинители со висок интегритет, рече Лога.
Како држава, додаде тој, сме посветени на процесот на дигитализацијата на правосудниот сектор, кој е круцијална реформа за добивање на поквалитетна и побрза правда за сите граѓани. Во оваа насока, се очекува, како што рече Лога, да се изврши темелна надградба и на системот за управување со предмети во обвинителствата со поддршка од финансирањето на ЕУ ИПА III.
-Целта број 3 на овој Проект: “Подобрување на превенцијата и борбата против корупцијата“, предвидува реализација на повеќе активности, наоѓање решенија за подобрување на системот за конфискација и поврат на имот како и јакнење на меѓуинституционалната соработка со цел за следење на состојбите со корупцијата, креирање и спроведување на политики за унапредување на превенцијата и борбата против корупцијата, нагласи министерот за правда.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во своето обраќање на настанот истакна дека проектот ќе придонесе во навремена подготовка на релевантните институции и нивните капацитети во процесот на разгледувањето на постигнувањата во Поглавјето 23 -Правосудство и фундаментални права од европското законодавство.
-Најважниот резултат од проектот кој сум сигурна дека ќе го добиеме е зајакнување на капацитетите на главните тела за човекови права во нашата држава бидејќи обезбедува алатки за основните човекови права кои ќе станат достапни за јавните службеници и кои даваат насоки за применување и воспоставување на пристапот заснован на човекови права на стратешко ниво. Министерството за труд и социјална политика во својот мандат и надлежности обезбедува осигурување на почитувањето на низа човекови права. Тоа е чест, но и голема должност, посочи Тренчевска.
Таа се осврна и на темата за родово базираното насилство која нераскинливо се поврзува со Министерството. Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, новиот Закон за превенција и спречување на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство институциите имаат обврска да постапуваат со должно внимание при пријава на насилство, но, вели таа, сепак останува голем дел од актите на насилство кои остануваат непријавени, токму поради недовербата во институциите и професионалците.
-Правата на жените за еднаквост, за економска слобода, за стабилност, за живот без насилство се дел од клучните човекови права. Затоа во периодот кој што следи Министерството за труд и социјална политика во соработка со Народниот правобранител преку овој проект ќе работат на зајакнување на системот на спречувањето на родово насилство и дискриминација, истакна Тренчевска која нагласи дека во рамките на овој проект Министерството ќе биде активен партнер и во делот на зајакнување на системот за заштита на децата.
Проектот, кој е целосно финансиран од ЕУ, е дизајниран да ги поддржи релевантните институции кои работат на полето на правдата, организиран криминал, борба против корупција и промоција и заштитата на основни и човекови права за подобрување на нивните капацитети, ефективност и влијание. Времетраењето на проектот е 36 месеци со предвидено продолжување за дополнителни шест месеци со буџет од 10,25 милиони евра.