Ниту една земја не го губи идентитетот на патот кон Европската унија. Мислам дека оваа земја може да биде безбедна по својот идентитет, култура и јазик, изјави денеска европскиот амбасадор Дејвид Гир.
Тој во интервју за Канал 5 вели дека ги разбира фрустрациите поради долгото чекање, но нагласува дека ЕУ и Северна Македонија имаат заеднички придобивки од членството на земјата во Унијата.
„Во однос на гаранциите, како што знаете во овој процес, во овој пристапен процес, има многу делови, многу моменти во процесот на пристапување, кога треба едногласно да се носат одлуки. Важно е да има одговорност од наша страна да се погрижиме кога ќе дојдат тие одлуки, тие да се носат врз основа на реформите што државата ги има за ЕУ, а не за други прашања. Ова беше во смисла на она што го пренесоа претседателот Фон дер Лајен и претседателот Мишел кога го посетија Скопје минатиот јули. Секако, ова е многу важен елемент“, изјави Гир.
Според него, најдобра гаранција да се оди напред е да се спроведат тие реформи, бидејќи како што рече тоа е најдобриот начин за влез во ЕУ.
„Потребни се големи напори предводени од Владата и со вклучување на другите институции и граѓанскиот сектор за да се одложат реформите“, нагласи Гир.
Во однос на уставните измени Гир смета дека оваа дебата треба сеопфатно да се развива од сите засегнати страни.