На регионалната конференција во Скопје по повод Меѓународниот ден на проверка на фактите, покрај организациите кои делуваат на ова поле, учествуваа и претставници од меѓународната заедница, институции и медиуми од земјата и регионот.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, во својот говор истакна дека проверувачите на факти треба да работат независно и да не имаат политички притисок. Според него, како што се наближуваат изборите, на површина излегуваат нападите што се прават против проверувачите на факти.
„За жал, ова не се случува само во Македонија, туку може да се очекува и во некои делови од Европа во наредните месеци, бидејќи ова е година на избори во повеќе земји… Затоа, тоа е наша одговорност и должност на институциите наведуваат да зборуваат јасно кога проверувачите на факти се изложени на ризик. Ако не работиме на ова, тогаш се откажуваме од заштитата на демократијата“, рече Гир.
На конференцијата, покрај ризиците за време на изборите, стана збор и за други предизвици на земјите од регионот во справувањето со странските влијанија и дезинформации. Говорниците заклучија дека дезинформациите се проблем за безбедноста на државите, поттикнуваат омраза и насилство и ја уништуваат довербата во институциите.
Треба да се интензивира справувањето со дезинформациите, со зајакнување на проверката на фактите во медиумите како и медиумска едукација на граѓаните што ќе ја зголеми нивната отпорност на дезинформации.