Главната обвинителка на Њујорк бара казна од 370 милиони долари за Доналд Трамп

Во Њујорк денеска продолжи судењето на Доналд Трамп со презентирање на завршните зборови на одбраната што ќе ги изнесат адвокатите во негово име.

Судијата Артур Енгорон вчера го отфрли планот на Трамп самиот да го изнесе завршниот збор во судницата, откако неговите адвокати не се согласија со барањето на судијата Трамп да се држи само до „важните“ работи во своето обраќање, пренесува Гласот на Америка.

Судијата предупреди дека Трамп не може да „држи политички говор“ или да ја искористи приликата да го критикува судијата и неговите соработници, што значи дека неговите адвокати ќе мора да ги изнесат завршните зборови на судењето за обвиненијата дека поранешниот претседател го преувеличил своето богатство во финансиските документи кои ги давал на банки, осигурителни компании и други.

Главната обвинителка на Њујорк Летиша Џејмс бара парична казна од 370 милиони долари.

Трамп, пак, тврди дека не направил ништо незаконско, дека не лажел за своето богатство и оти е жртва на политички прогон.