Објавени официјалните резултати на Државната изборна комисија од првиот круг на претседателските избори. Ако се земе предвид само гласањето на дијаспората, резултатите покажуваат и убедливо водство на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова со 369 гласа, додека кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, е на втората позиција со 182 гласа. Актуелниот претседател Стево Пендаровски освои 175 гласа од дијаспората.
Од 2.569 гласачи, за кандидатот на „Левица“ Билјана Ванковска Цветковска гласале 158, за Максим Димитриевски од ЗНАМ 66 гласале, за Арбен Таравар гласале 37 гласачи и последен на листата е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 18 гласа.
Силјановска-Давкова победи пред другите претседателски кандидати во Виена, Њујорк, Софија, Венеција, Бон, Стокхолм, Детроит, Хаг, Чикаго, Лондон, Љубљана и Прага.
Османи победи во Берлин, Минхен и Торонто. Пендаровски, пак, победи во Пекинг и Вашингтон.
Она што е интересно за гласањето во Љубљана е дека „изборната битка“ се водела меѓу две кандидатки. Тука Силјановска Давкова освои 52 гласа, а Ванковска 34.
Кандидатот Стевче Јакимовски на денот на изборите го критикуваше гласањето во дијаспората, бидејќи, како што истакна, бил работен ден и граѓаните имале проблем да ја напуштат работата.