Гого Реквием – Магичниот рокер од Македонија што ги освојува и сцената и срцата

Во светот на македонската уметност ретко кој е толку мултиталентиран како Георги Гавровски, познат под уметничкото име Гого Реквием – човек кој со еднаква страст ја освојува рок сцената, магичниот театар и срцата на децата како едукатор.

🎸 Реквием бенд – 30 години рок енергија

Како фронтмен на култниот Реквием бенд, Гого е гласот што три децении внeсува душа во македонската рок сцена. Од кавери на светски класици до авторски песни како „Не се предавај“, неговата енергија на сцената е заразна. Тој е единствениот оригинален член што остана доследен на визијата на бендот и токму неговата харизма го прави „Реквием“ вечен.

🧠 Магијата зад сцената

Но музиката е само еден дел од неговата приказна. Гого е и врвен професионален магионичар, член на Меѓународното братство на магионичари, специјализиран за ментализам и close-up магија. Освојувач на први и втори места на балкански натпревари, единствен магионичар во историјата на Бакланот кој се здобил со стипендија на најпрестижната “Академија за магија и мистерија” во Лас Вегас чиј сопственик е легендарниот магионичар Џеф МекБрајд.

Од 2016та година станува член на Балканската жири комисија.

Неговата магија е подеднакво сериозна како и неговата поп и рок музика.

📺 Телевизиска и театарска ѕвезда

Гого беше домаќин и креатор на ТВ шоуто „Abracadabra with Mr. Gogo“, а зад сцената работи како магичен консултант во детски претстави. Неговата умешност често ја користат и интернационални филмски продукции, вклучително и индискиот актер Џозеф Виџај, кој снимаше сцени со него во Македонија за Индискиот блокбастер “Мерсал”.

👦👧 Волшебен едукатор за најмладите

Но она што најмногу инспирира е неговиот ангажман со децата.
Гого е водечкиот и одговорниот едукатор во “Центарот за едукација Колорес”.

Уште од почетокот на кампот некаде 2016-2017 родителите го нарекоа “Македонскиот Бранко Коцкица”.

Гого активно учествува како ментор и едукатор на летните и зимските едукативни кампови. Неговата магија таму не е илузија – туку инспирација, охрабрување и креативна стимулација кај децата. Преку магија, музика, едукација и приказни, тој го прави учењето радост.
Често самиот се нарекува “Петар Пан” и децата тоа и го препознаваат.

Гого Реквием не е само артист. Тој е феномен – мост меѓу уметноста, забавата и образованието. Во време кога автентичноста е реткост, тој е доказ дека со страст и посветеност може да се живеат повеќе соништа одеднаш.

🎸 Музика и Реквием

  • Како започна твојата приказна со Реквием бенд и што значи оваа група за тебе лично по толку години?

1995 се запознав со Милован Станковиќ-Мики и заедно решивме да оформиме бенд што ќе ја пренесе Екс Ју музиката најоригинално што може.
Подоцна во бендот дојде и Роберт Пирнер и така се најдовме јас од Загреб, Мики од Скопје, Роберт од Зеница и ми дојде идеја да се наречеме “Реквием”, песната на Џорџе Балашевиќ.
Рефренот на песната оди “А где смо ми наивни, што смо се дизали на “Хеј Славени”.
Така да со таа симболика во името сакавме да дадеме печат на едно време и преку нашите настапи да сочуваме сеќавање на најубавите песни од некогашната држава.

  • Песната „Не се предавај“ доби силна емоционална реакција – што те инспирираше да ја создадеш?
    Многу животни приказни и случки полни со каење.
    Скоро секој може да се најде во песната.
  • Како гледаш на македонската рок сцена денес во споредба со 90-тите?
    Зарем денес имаме активна рок сцена? Имаме многу млади перспективни бендови ама за жал свират по гаражи и понекогаш на некое локално фестивалче…подобро да не почнувам хаха. Кон крајот на 90тите преполно беше со бендови. Па самиот факт дека имаше гитаријади кажува се. На јутјуб имате стари снимки од тие гитаријади. Врие од бендови. Сепак денес би можел да издвојам неколку што мислам дека се предобри: Live wire, Trendkill, а едни од најдобрите женски вокали во Македонија без сомнение според мене се Наташа Миха и Елена Ставреска(новата вокалистка на Морал).

Магија и ментализам

  • Што беше прво – љубовта кон музиката или кон магијата?
    Магијата, уште од 8-9 годишна возраст.
  • Магионичарството бара дисциплина и прецизност – што најмногу те фасцинира во овој занает?
    Способноста да успееш луѓето да ги отргнеш од суровата реалност и за момент да ги направиш среќни.
  • Имаш настапувано и на меѓународни конвенции – која сцена ти оставила најсилен впечаток?
    До сега во Марибор, Словенија.
    Тоа е “Магибор” конгресот во организација на Владимир Микек.
    Има многу ама овој ми е при срце.

👧👦 Работа со деца и едукација

  • Дел си од летните и зимските кампови во „Едукативниот центар Колорес“. Како изгледа да пренесуваш магија и знаење на најмладите?
    Кога не би работел со деца, не би ни постоел.
    Децата се нешто најискрено, најчуствително и не можеш да ги лажеш.
    Најинтересно е дека од магија нема ни “М” кога сум со нив хаха.
    Имаме активности, прошетки, игри, забави, учење, дружба и само понекогаш магија.
    Најважно, немаме телефони и интернет.
    Децата се препородени со нас и премногу сум горд на тоа.
    Имам преку 100, можеби 200 мислења од родителите кај мене на фејсбук во еден албум.
    Децата знаат дека не сум класичен “строг наставник” туку сум Петар Пан и преку игра секогаш се расположени за нови едукации.
    Имам случаеви кога родители ми се јавуваат и ме прашуваат и ми кажуваат разни ситуации.
    Еве неколку:

(Дете)”Мамо, Гого е најстрог, ама најмногу го сакаме бидејќи е строг само кога се грижи”.

(Дете)”Јас не јадам брокула дома, само со Гого во камп”.

(Родител)”Што направи од моите деца хаха?
Не почнуваат да јадат додека сите не сме седнати и ме прашуваат дали можат да станат после вечера”.

Кај нас секое дете јаде и боранија, и грашок, и компир манџа итн.

Секако, морам да спомнам дека не сум сам и дека со мене се и другите едукатори.
А главниот виновник за овој камп што постои и што јас сум таму од првиот ден, е Биљана Караманолевска, генералниот менаџер и сопственик на едукативниот центар како и на градинките “Во светот на Колорес”.

  • Децата се искрена публика – дали тие те инспирираат на поинаков начин од возрасните?
    Секако, со нив разговарам, слушам нивни прашања, искуства, смешни ситуации и потоа заедно разговараме и одговарам на прашањата. Инспирираат најмногу поради тоа што кога зборувам со деца гледам искрени и чисти души и тоа ми дава сила да бидам секогаш насмеан и разигран со нив и никогаш не ми е тешко со секој еден од нив.

🎭 Кариера и идни планови

  • Твојата кариера е мешавина од уметност, психологија, театар и педагогија – како го балансираш сето тоа?
    Многу тешко, хаха…
    Се шегувам, веќе сум навикнат и воопшто не ми е проблем.
  • Имаш ли некој проект кој сè уште не си го реализирал, а ти е голема желба?
    Наскоро…ќе биде објавено.
  • Како те гледаат странските колеги магионичари кога ќе кажеш дека си од Македонија?
    Никогаш и никаде никој не направил проблем бидејќи во магионичарството не постојат нации и политика.
    Едно големо братство каде ни е важно само да се “играме и правиме магија” хаха.
    Понекогаш само знаат да прашаат каде е Македонија и со 2-3 реченици готово.

🌟 Личен поглед

  • Што значи успех за тебе денес и што би им порачал на младите што сакаат да се изразуваат низ повеќе уметности?
    Успех, хм…да бидеш среќен со работата што ја работиш, да се излечиш на време од суетата и материјалниот свет.
    Тоа е мислам примарно.
    А за младите…да не забораваат дека и постарите биле млади и да послушаат понекогаш и совет од постари хаха.