ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО СОСЕДСТВОТО – Уапсени седум лица во Србија кои продавале автомобили украдени во земјите од Европската унија

Српската полиција на територијата на Краљево и Лозница уапси седум лица кои се осомничени дека се членови на криминална група, која крадела луксузни автомобили во земјите од Европската унија и ги продавала во Србија, објавија соседните медиуми.

Уапсени се организаторите на групата Г.Т. (55 г.) и Ж.Ч. (46 г.), како и А.К. (32 г.), Љ.Г. (40 г.), Д.Ч. (20 г.), Д.С. (43 г.) и М.С. (48 г.), кои полицијата ги обвинува за сторени кривични дела здружување за извршување кривични дела, измама, перење пари, фалсификување исправи и прикривање, се вели во соопштението на МВР.

Во таа акција привремено се одземени автомобили од висока класа, луксузни кампери, како и комбиња, кои, како што се наведува во соопштението, биле модифицирани во однапред обезбедени гаражи, работилници и подоцна се продавале, врз основа на што осомничените оствариле повеќемилионска противправна имотна корист.

При претресот на становите и работилниците на осомничените се пронајдени и привремено одземени десетици илјади евра, стотици илјади динари, оружје и муниција во недозволено поседување и поголема количина автоделови.

Пронајдена е и електронска опрема за менување на броеви на шасија и мотори, како и поголема количина фалсификувани придружни документи и регистарски таблички.