На евентуалниот референдум за влез во ЕУ, 44 отсто од граѓаните на Србија би гласале „за“ влез во европскиот блок, 42 отсто се „против“ членство во Унијата, додека 43 отсто од испитаниците се убедени дека Србија никогаш нема да стане членка на ЕУ, според резултатите од истражувањето на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност спроведено кон крајот на февруари и почетокот на март.
Овие податоци се блиску до резултатите од декември 2022 година, објавени од српското Министерство за евроинтеграции, кога поддршката за прием на Србија во Унијата беше 43 отсто, наспроти 32 отсто од противниците на европскиот пат. Во таа анкета третина од испитаниците истакнале дека имаат позитивна слика за ЕУ, додека речиси исто толку имаат негативен став за Унијата.
Ситуацијата со Косово се смета за една од клучните теми, но 38 отсто не знаат кое би можело да биде идеалното решение за Косово, а истиот процент од испитаниците не гледаат што е реално решение за исходот од тековните преговори меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ.
Третина од испитаниците тврдат дека не знаат што подразбира европскиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а само седум отсто сметаат дека тоа е чекор кон конечниот договор.
Според резултатите од истражувањето што го објавија белградските медиуми, мнозинството граѓани кога ќе ја презентираат содржината на европскиот предлог не го сметаат планот за прифатлив, само 26 отсто би го прифатиле, а 20 отсто би се согласиле со независноста на Косово во замена за подобра позиција на косовските Срби.
„Граѓаните кои го сметаат сегашниот предлог за прифатлив за мнозинството граѓани значи и признавањето на Косово, поделбата на териториите или прифаќањето на француско-германскиот план го гледаат како реално, а и како идеално решение за косовското прашање“, се вели во анализата на истражувањето.
Запрашани за стратешкиот правец што треба да го следи Србија, 44 отсто се изјасниле дека треба повеќе да се сврти кон Запад, а 43 отсто сметаат дека на Србија и’ се потребни „посилни“ врски со Русија – 34 отсто од испитаниците ја сметаат за најважен политички партнер, а 42 отсто за безбедносен партнер, додека 44 отсто ја гледаат ЕУ како најважен економски партнер на Србија.
Мнозинството граѓани ја поддржуваат политиката на седење „на повеќе столчиња“, додека само 18 отсто од нив сметаат дека Србија треба „целосно да се определи за едната или другата страна“, се наведува во истражувањето.