Голем пожар беснее околу Ерусалим, меѓу повредените има и бебиња: Палестина ги понуди своите спасувачки екипи (видео)

Голем пожар избувна во пошумена област помеѓу Ештаол и Латрун на периферијата на Ерусалим во Израел, а бројни служби за итни случаи се на терен обидувајќи се да го изгаснат.

Автопатите што ги поврзуваат Тел Авив и Ерусалим се затворени, а во тек е евакуација за расчистување на погодените подрачја.

Ситуацијата се влошува поради силните ветрови.

Шефот на израелските одбранбени сили, Ејал Замир, ѝ нареди на армијата да помогне во гаснењето на пожарите што беснеат околу областа на Ерусалим.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, се обрати до колегите на Кипар, Хрватска, Италија и Грција за да побара помош во гаснењето на пожарот.

Грчки дипломат за „Тајмс оф Израел“ изјави дека Атина го примила барањето и дека истражува опции што би можеле веднаш да бидат испратени. Постои опција за испраќање авиони со противпожарни екипи.

Најмалку 12 лица се полесно повредени и хоспитализирани како резултат на пожарот, вклучувајќи и две бебиња.

Палестинската власт понуди да испрати противпожарни екипи за да помогнат во гаснењето на пожарот во областа на Ерусалим, изјави извор за „Тајмс оф Израел“.

Израел сè уште не одговорил на понудата. Во минатото, противпожарните екипи на Палестинската самоуправа помагаа во гаснењето на големи пожари во Израел.