Голем пожар во казино кај граничниот премин “Блаце”

Голем пожар се случи соноќа во објект на самиот граничен премин Блаце во кој е сместено казино.

Екипа на Инфомакс беше на терен од каде дознаваме дека според првичните информации станува збор за пожар предивикан од апаратите за игри на среќа во самиот објект. На местото на настанот имаше екипи на полиција, брза помош и противпожарни возила.

Неофицијално, иако екипи на брзата помош се на местото на настанот, нема повредени.

Објектот во кој настана пожарот е недоизграден објект, а на самата зграда нема никаква ознака дека таму има казино, или било каков друг простор. Објектот кој треба да биде казино нема ниту влезна врата, самата зграда е во рана фаза на градба, што упатува на тоа дека можеби легално казино таму не е отворено, односно дека имало нелегални игри на среќа, што е казниво дело.

Дополнително, полицајците кои ги прашавме за точна локација на пожарот не сакаа да ни кажат каде се наоѓа местото, а откако го пронајдовме полицијата и останати лица кои беа присутни таму се обидоа што побрзо да не оддалечат од местото, велејќи дека не е безбедно, иако самиот пожар веќе беше изгаснат и пожарникарите веќе си заминуваа.

Пожарот е изгаснат благодарение на брзата реакција на пожарникарите.