Дали поради ова Вагнер се откажаа од пучот пред влегувањето во Москва? Екс шефот на ЦИА го предупреди Пригожин да внимава на отворените прозорци во Белорусија
Кривичниот случај кој во Русија се води против водачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин за бунтот во саботата останува отворен, а истрагата се уште е во тек, објавија во понеделникот весникот Комерсант и трите големи руски новински агенции, цитирајќи неидентификувани извори.
Претседателот Владимир Путин во саботата вети дека ќе го уништи, како што го нарече, предавнички бунт, откако Пригожин рече дека неговите борци ја презеле контролата врз јужниот град Ростов и се упатуваат кон Москва на, како што рече, „маршот за правда“ чија цел е да се отстранат корумпираните и неспособните руски команданти.
Во согласност со договорот, постигнат со посредство на белорускиот лидер Александар Лукашенко, со кој се смири кризата доцна во саботата, Кремљ соопшти дека кривичното дело против Пригожин ќе биде отфрлено и тој ќе се пресели во Белорусија.
Нејзините борци ќе се вратат во базата и исто така нема да бидат кривично гонети, соопшти Кремљ.
Сепак, рускиот весник Комерсант во понеделникот објави дека случајот против Пригожин останува отворен и дека Федералната служба за безбедност (ФСБ) ја продолжува истрагата за случајот. Тој цитираше неидентификуван извор кој вели дека немало доволно време да се затвори случајот.
Трите главни руски новински агенции – ТАСС, РИА и Интерфакс – исто така објавија дека случајот против Пригожин останува отворен и дека истрагата продолжува.
„Кривичната постапка против Пригожин не е прекината“, јави ТАСС, повикувајќи се на извор близок до обвинителството. „Истрагата е во тек.
Според руските закони, затворската казна за вакво кривично дело е од 12 до 20 години.
Пригожин, кој не е виден во јавноста откако го напушти Ростов доцна во саботата и не го коментираше договорот, негираше дека го води бунтот.
Некогаш блискиот сојузник на Путин, чија група Вагнер водеше голем дел од борбите во Украина, го започна својот бунт во петокот откако рече дека руската војска убила некои од неговите луѓе во воздушен напад.
Министерството за одбрана го отфрли неговото тврдење.
Зошто Евгениј Пригожин, водачот на платеничката организација Вагнер, одеднаш се откажа од пучот што предизвика хаос во Русија за време на викендот?
Според последните информации, на семејствата на лидерите на Вагнер им се заканувале руски разузнавачки служби, изјавија британски безбедносни извори за Телеграф. Освен тоа, се проценува дека во „маршот на правдата“ учествувале околу 8.000 платеници, а не 25.000, како што тврделе лидерите на организацијата, што би го отежнало заземањето на руската престолнина.
Пригожин ги отповика своите војници кога биле на само неколку часа од Москва. Кремљ тогаш објави дека е постигнат договор, според кој лидерот на Вагнер беше ослободен од обвиненијата за предавство, но беше протеран во Белорусија.
Сепак, шефот на Вагнер се уште не се огласил за тој договорот, ниту пак е познато каде се наоѓа во моментов. Не е позната иднината на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, чие разрешување го бараше шефот на Вагнер, кој утрово се појави во јавноста за прв пат по бунтот . Некои аналитичари од неговата посета извлекоа заклучок дека Путин нема намера да го замени.
Поранешниот шеф на ЦИА испрати предупредување до Пригожин
Поранешниот директор на ЦИА и пензиониран генерал Дејвид Петреус испрати предупредување до Пригожин во врска со бројот на истакнати Руси кои загинале под неразјаснети околности, при што голем број од нив биле убиени откако паднале од прозорците, особено откако Русија ја започнала својата инвазија на Украина во февруари во 2022 година
„Пригожин го спаси својот живот, но ги загуби Вагнеровците“, изјави Петреус за Си-Ен-Ен , додавајќи: „Тој треба да биде многу внимателен околу отворените прозорци во неговата нова средина во Белорусија“.