Мунир Насрауи, таткото на шпанското фудбалско чудо Ламин Јамал, се најде во центарот на судска истрага во Шпанија, речиси една година откако беше сериозно повреден во масовна тепачка во Матаро, каде што беше избоден во градите и белите дробови.
Иако првично беше третиран како жртва на брутален напад, најновите случувања тргнаа во целосна спротивност. Тој сега е под истрага поради сомнение дека предизвикал сериозни телесни повреди на друго лице.
Инцидентот се случил во август 2024 година, кога Мунир бил нападнат на паркинг во Матаро, по наводна несогласување со семејство чие дете претходно истурило вода од тераса врз него.
Според извештаите, по бурната вербална реакција, следела пресметка што продолжила неколку часа подоцна, кога двете страни повторно се сретнале на договорената локација. Потоа избувнала масовна тепачка во која, според истражителите, Насрауи му го скршил носот на еден од младите мажи со удар, а потоа бил брутално избоден со нож.
Четири лица беа уапсени по конфронтацијата, а напаѓачот кој ги нанесе убодните рани помина неколку месеци во притвор. Сепак, неговата одбрана поднесе барање за проширување на истрагата врз Мунир Насрауи, тврдејќи дека тој е оној кој го иницирал насилството.
Иако судот во првата фаза ја отфрли можноста Насрауи да биде обвинет, апелациониот суд ги прифати аргументите дека неговиот физички напад можел да биде причина за подоцнежното насилство и беше одлучено да се покрене постапка против него за нанесување тешки телесни повреди.
Мунир Насрауи беше повикан да сведочи на 21 јули, а случајот привлече големо внимание од шпанската јавност поради неговата врска со младата ѕвезда на Барселона и шпанската репрезентација, Ламине Јамал.
Истрагата е сè уште во тек, а судските власти ќе донесат одлука во наредните недели за евентуалното обвинение против Мунир Насрауи.