ГОЛЕМ СКАНДАЛ ГО ‘ТРЕСЕ’ БАЛКАНОТ – Премиерот на БиХ осуден на 4 години затвор поради измама со кинески респиратори нарачани за време на Ковид-19

Во средата, Судот на Босна и Херцеговина ги прогласи за виновни премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ и функционер на Партијата СДА за незаконска набавка на респиратори за време на пандемијата со вирусот Ковид-19 и го осуди на четири години затвор.

Покрај Новалиќ, со неправосилна пресуда е прогласен за виновен и поранешниот директор на Управата за цивилна заштита на ентитетот Фахрудин Солак, кој беше осуден на шест години затвор, додека претприемачот Фикрет Хоџиќ, чија фирма „Сребрена Малина“ била посредник при купувањето на кинески респиратори, доби пет години затвор.

Врз основа на судската одлука, таа компанија ќе треба да плати казна од 100.000 евра, како и да врати незаконски профит од околу 350.000 евра.

Заменичката на Новалиќ и министерка за финансии Јелка Миличевиќ (ХДЗ) беше ослободена по судењето кое траеше повеќе од две години.

Јелка Миличевиќ

Во обвинението тројцата се товарат за здружување и извршување на кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари, фалсификување или уништување деловни или комерцијални книги и исправи, фалсификување службени исправи и повреда на обврската за водење на комерцијални или деловни книги.

Министерката Миличевиќ беше обвинета за несовесно работење во службата бидејќи обвинителството оценило дека од позиција на командир на штабот за цивилна заштита на субјектот не преземала мерки за надзор над процесот на набавка на респиратори.

Со одлука на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина во март 2020 година, набавени се сто респиратори, кои требаше да се користат за болничко лекување на пациенти заразени со вирусот Ковид-19, сместени во одделенијата за интензивна нега.

За ова од буџетот се издвоени 10,5 милиони конвертибилни марки или нешто повеќе од 5,3 милиони евра.

Респираторите се купени надвор од вообичаените процедури, што Владата го оправда со вонредната состојба предизвикана од пандемијата и на овој начин објаснија дека цената за секој респиратор е двојно повисока од тогашната важечка на пазарот.

Последователно, се покажа дека кинеските распиратори се несоодветни за болничко лекување, односно нивниот квалитет е сомнителен и дека, во најдобар случај, може да се користат само за привремено лекување на пациенти, на пример во амбулантни возила.

Фирмата „Сребрена малина“ од Сребреница, која посредуваше при откупот, ја доби таа работа и покрај тоа што е регистрирана за преработка на овошје и никогаш пред 2020 година не учествувала во набавка на медицинска опрема.

Фикрет Хоџиќ

Обвинителите тврдеа дека обвинетите преку разни измами си обезбедувале материјална корист преку набавка на респиратори.

Новалиќ беше премиер на БиХ осум години, а последните четири беше на таа функција во технички мандат бидејќи по изборите одржани во 2018 година, СДА и ХДЗ, како победнички партии во тоа време, не успеаја да се постигне договор за формирање нова Влада.

По обвинението, Фахрудин Солак поднесе оставка како директор на управата за цивилна заштита.

Адвокатот на Новалиќ, Васвија Видовиќ, по изрекувањето на пресудата изјави дека целиот процес како и пресудата биле политички мотивирани и дека зад тоа стојат оние кои сакаат да ја „уништат БиХ“.